Разговор со експерт на тема „подобрување на имунитетот пред сезоната на настинки“

            Тимот на FitLab разговараше со Спец. Оливер Мајсторов на тема поврзана со имунитетот во преодниот период помеѓу летото и зимата, како период исполнет со настинки и грип и еве што дознавме:

Со цел одржување на комплетно функционален и стабилен имунолошки систем во текот на есента и зимата неопходно е организмот да се поготви порано, односно уште во текот и на крајот на летото.

Оваа подготовка би овозможила одбрана од евентуален обид за инвазија од страна на штетни, патогени микроорганизми.

За засилување на имунитетот постојат три фактори кои имаат основна улога:

  • Правилната исхрана
  • Постојаната физичка активност
  • Позитивното расположение и добрите емоции

Што се однесува до правилната исхрана, често поради нашиот брз начин на живот не сме во можност да ги внесеме сите потребни нутриенти преку исхраната или пак поради одредени наши активности нутриентите ни се потребни во количества поголеми од вообичаено.

Токму затоа, пристапуваме кон конзумирање на додатоци во исхраната. Умереното и правилно користење на додатоци во исхраната не претставува проблем, туку вредност за организмот. Затоа, пред земањето на додатоци најдобро е да се консултирате за потребата и внесот со вашиот диететичар, лекар, фармацевт или фитнес тренер во зависност од тоа за какви додатоци станува збор.

          Најчесто во летниот период имуниот систем се одржува преку регулирање на цревната микро-флора со про- и пребиотици, затоа што се смета дека голем дел од активноста на имунолошкиот систем отпаѓа на соработка со гастроинтестиналната микрофлора. А, дополнително внесот на пробиотици ни помага и за побрзо прилагодување на организмот на нови средини кога патуваме.

На крајот на летото, кога всушност се поготвуваме за периодот на настинки и грип, често посегнуваме кон зголемен внес на витаминот Ц преку додатоци. Витаминот Ц е најдобро да се внесува во неговите природни форми, но при зголемена потреба е сосем соодветно да се внесува и во синтетизиран облик.

Следува цинкот кој исто така влијае на подобрување на имуниот одговор на телото за соодветна борба со патогените.

          Би го споменал и L-глутаминот кој е потребен за правилна функција на тенкото црево (посебно за ентероцитите). При негов недостаток научните истражувања покажуваат дека пропустливоста за токсини на телото се зголемува, а со тоа и можноста за инфекции.

Тој е моноамид на глутаминската киселина која е условно-есенцијална аминокиселина, што значи дека мора да се прима кај популацијата која не е во можност да ја синтетизира во доволни количества. Тоа најчесто е случај кај физички и психички оптеретени единки, особено кај спортисти.

Токму поради тоа кај спортистите и активната популација L-глутаминот е важен елемент во градењето и одржувањето на мускулната маса, хидратацијата на клетките и скусување на времетраењето на регенерација на мускулите по физички напор (најчесто вежбање со тежина во теретана).

Дополнително учествува во метаболизмот на јаглехидратите и може да послужи како резерва на гликоген во мускулите, регулирајќи го нивото на инсулинот и глукагонот, хормони клучни за регулација на гликозата во крвта.

Ја потикнува правилната делба на клетките во целото тело и помага при елиминирање на токсичниот амонијак од црниот дроб кој се врзува со глутаминската киселина.

L-глутаминот е најдобро да се зема како прашок во форма на 100% чист изолат поради тоа што во природна форма се содржи во одредени зеленчуци, јаткасти плодови и риба, но при термичко процесирање не е повеќе активен.

Она што е најдобро е неговото синергистичко дејство со витамините Ц и Д, но и со цинкот и селенот, што значи дека нивната комбинација може да биде исклучително полезна за организмот.

            Важно е да се запомни дека додатоците во исхраната исто како и храната треба да бидат со проверено потекло, регистрирани според регулаторните тела и да подлежеле на соодветни хемиски и микробиолошки анализи пред да пристигнат до вас. Затоа, најдобро е да изберете потврден производител, со реноме и искуство и додатоци во исхраната кои се во изолирана форма која е со најголема биокомпактибилност со телото.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *